Извештај за проектот Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства


Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија со финансиска поддршка на УНИЦЕФ и Британската амбасада од август 2019 до јануари 2021 година го реализираше проектот Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства чија главна цел беше обезбедување услуги во заедницата на деца со попреченост и нивните семејства преку воспоставување на нови форми на услуги - рана интервенција за деца со попреченост од 0 до 6 години и психосоцијална поддршка на нивните родители/старатели, со дополнително обезбедување на онлајн рана интервенција преку специјално оформена Е-платформа, како и давање на стручни интервенции во домот за деца на возраст од 6 до 18 години со тешка и најтешка интелектуална попреченост, односно комбинирана попреченост и комплексни проблеми. 

Како дел од проектните активности беше отворен Центар за рана интервенција и поддршка на деца со попреченост и нивните семејствата во централното градско подрачје на Град Скопје, а кој го посетуваа деца од 0 до 6 години кај кои се забележуваа доцнења во развојот и/или попреченост. Во Центарот се реализираа следниве активности:

- проценка на потребите на децата за рехабилитација и проценка на потребите на семејството за поддршка; 

- индивидуална и групна работа со деца (третмани и интервенции); 

- индивидуална и групна работа со родители (давање психосоцијална поддршка).

Тимот кој беше ангажиран се состоеше од два специјални едукатори и рехабилитатори, логопед, физиотерапевт, психолог, како и консултант за директните услуги на рана интервенција кој имаше улога на координација, следење и оценка на интервенциите дадени од членовите на тимот, и консултант за онлајн услугите за рана интервенција кој пак, ги координираше активностите на тимот во испораката на онлајн услугите за рана интервенција реализирани преку платформата. 

Во тек на проектот беа направени вкупно 67 проценки на деца со попреченост, односно со задоцнување во развојот и нивните семејства.  Со сите овие деца и семејства беа спроведени првични интервјуа и скрининг, а потоа и развојна проценка согласно која беа развиените планови за испорака на услугите за рана интервенција кои ги добиваа или во Центарот за рана интервенција и поддршка на семејствата или во домот, но и онлајн преку платформата.

Психологот од тимот беше одговорен за остварување на првичниот контакт со семејствата со цел да ги запознае родителите со програмата за рана интервенција и да направи проценка на потребите на семејството. По правењето на првичниот скрининг, психологот го презентираше секој поединечен случај пред другите членови на тимот (вклучувајќи го и консултантот) на кој се определуваа стратегиите, активностите, интервенциите кои би биле најсоодветни, и се носеше заедничка одлука кој член на тимот ќе биде примарен давател на услугите за рана интервенција, а потоа примарните даватели беа задолжени за обезбедување на интервенциите. Примарниот давател на услуги беше одговорен за подготовка на целата документација на детето/семејството и за развојот на плановите за интервенција. 

На вкупно 24 деца/семејства им беше обезбедена рана интервенција во домот, на 37 деца/семејства им беше овозможена рана интервенција во Центарот за рана интервенција и поддршка на семејствата. На останатите деца/семејства им се даваше онлајн рана интервенција преку развиената платформа. Вкупно беа обезбедени 247 рани интервенции во домот и 735 рани интервенции во заедницата. Дополнително, психологот-психотерапевт редовно им даваше психосоцијална поддршка на родителите/семејствата, така што беа обезбедени вкупно 53 сесии за психосоцијална поддршка.

Во рамки на проектот беше креирана Е-платформата ranaintervencija.mk. на која може да се најдат различни содржини (текстови, фотографии, презентации, видеа), како и предлози за стимулации преку кои се поттикнуваат различните развојни области, односно предлози за стратегии, пристапи и методи за работа со деца со различни видови на попречености, како и совети за родителите. Со цел да се обезбеди пристапност до поширока целна група, содржините на платформата се на македонски и албански јазик. Истовремено, платформата овозможи персонализирани услуги на рана интервенција, како и психо-социјална поддршка на семејствата. Беа поставени над 50 содржини кои беа јавно достапни, а беа креирани вкупно 42 персонализирани профили за корисниците на платформата и беа дефинирани исто толку планови насочени кон детето и семејството за рана интервенција за секое дете/семејство кои потоа беа реализирани од страна на мултидисциплинарниот тим. Прво платформата беше промовирана на Фејсбук профилот на УНИЦЕФ МК, а потоа и на официјалната веб-страница на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, како и на социјалните мрежи на Сојузот и на групите на родители на деца со попреченост на Фејсбук, а исто така и на порталот deca.mk. 




СО ПОЧИТ, 

Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија